Единствените нешта што на овој свет човекот може да ги постигне без труд се следните:

1. Глупавоста

2. Сиромаштијата

3. Болеста

Секако дека има глупави луѓе кои што, овие три работи ги постигнуваат со труд, дури и со многу труд. Но како и да е, за да ги постигне овие три состојби на човекот му требаат пасивност и неспособност за преземање акции кои што ќе му го подигнат квалитетот на неговиот живот.

Во принцип, нема ништо лошо ако човекот е глупав, сиромав или болен.

Но, и тоа како е лошо ако човекот не прави напор да излезе од тие состојби. Универзумот не познава стоење во една позиција и затоа човекот може или да се развива, или да пропаѓа на некое поле. Така, кога на човекот му се чини дека стои во некоја „златна средина“, тој и тоа како оди надолу. Оваа илузија се растура дури тогаш кога што тој толку длабоко пропаднал, што повеќе не може да се дигне нагоре со лесно.

Погледнете само околу себе, и ќе видите многу луѓе кои што пропаднале и емотивно, и финансиски и на личен план, па ако сакате и здравствено. Ако застанете на влезот на државната болница во Скопје наутро, ќе видите колони возила кои чекаат да влезат во дворот од болницата.

Бидете сигурни дека тие луѓе, пред да пропаднат здравствено, претходно прво пропаднале емотивно, потоа пропаднале ментално, па после стигнале до вратите на болниците.

Голем дел од овие луѓе се возрасни луѓе во години, па затоа на луѓето им се чини дека староста е таква – просто, староста си носи болести.

Но јас ќе речам:

Староста му носи болести, на кого што му носи.

На кого што не му носи не му носи.

Староста сама по себе не носи ништо, освен (во ретки случаи) мудрост.

Ѓаволот е тој што носи. А тој носи само сметка, испорачана директно од пеколот, со високи камати, плус „три од карти“ во форма на глупавост, сиромаштија и болест.

Пасивниот човек, глупавоста, сиромаштијата и болестите сам си ги довлечкува со одбивањето да вложи труд и да ги решава задачите што животот му ги поставил. А кога еднаш ќе си ги довлечка и ќе ги закачи, откачувањето од нив е многу тешко.

Народот убаво рекол: Сиромав човек, жив ѓавол.

Важна напомена:

Има луѓе кои што од своето раѓање хронично болни и кои тешко можат да сторат било што за да ја подобрат својата состојба. Овој напис не се однесува на нив.

Исто така, светот познава многу случаи на тешко болни луѓе како што е на пример Вилма Рудолф кои што ги со труд и вера ги надминале своите тешки здравствени проблеми, и постигнале успеси какви што малкумина здрави луѓе ги постигнале.

Прочитајте повеќе за Вилма рудолф на Википедија (англиска верзија)

Прочитајте повеќе за Вилма рудолф на Википедија (скратена српска верзија)

Овој напис зборува за здравите и прави луѓе, кои што од мрза се прават и глупави и сиромаси и болни.

 

Фотографија  © Depositphotos.com/Jaykayl