ЗОШТО ВО ПОСЛЕДНО ВРЕМЕ ИМА ТОЛКУ МНОГУ ЛАЈФ КОУЧЕВИ, МОТИВАТОРИ, КОНСУЛТАНТИ, ПОЛИТИЧКИ АНАЛИТИЧАРИ И ИНФЛУЕНСЕРИ?
Одговорот е прост:
Се нема работа, па луѓето си измислуваат никому потребни непостоечки и нереални работни места со кои им ја одземаат работата на поповите и на реалните учители кои се на изумирање.
Но не е дека реално нема работа. Работа има, но малку луѓе се заинтересирани да работат реална работа како што е на пример градинарство и овоштарство. Индустријата со своите машини на човекот му овозможи лесен живот без напор и на тој начин му го обездвижи телото до степен што човекот заборави како се прават продуктивни движења кои ќе го квалификуваат за релна работа.
Наместо тоа, човекот научи како да користи клима уред, автомобил и смартфон, но во исто време стана неспособен за реална работа.
Во западниот свет овој тренд почна одамна, но кај нас почна да се развива кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век со појавата на плурализмот и слободниот пазар.
На слободниот пазар прва непродуктивна појава беа трговците. Пред 20-30 години огромен број луѓе станаа трговци и видеотекари. На секој агол имаше продавничка или видеотека. Ова беше разбирливо затоа што пазарот беше гладен за производи и за филмови.
Со тек на времето, трговијата се окрупни па трговците или пропаднаа па се вработија како продавачи по продавници или изумреа. Видеотекарите, станаа таксисти.
Тие кои ниту изумреа, ниту пропаднаа а богами не станаа таксисти станаа или клошари или филозофи, а дел од нив станаа клошари-филозофи. Тоа се должеше на тоа што тие ја унапредија моќта на говорот и се сетија дека можат да станат политичари, лајф коучеви, исцелители, советници, мудреци, критичари, аналитичари, консултанти и филозофи.
Некои, кои немаа способност да водат политики и да филозофираат, станаа политички аналитичари и новинари сопственици на еден од илјадниците „портали“. Така, новинарството се деградираше до голем степен, затоа што сега за да се „анализира“ или за да се соли памет, доволно е само човекот да има и да одржува веб страна, а тоа не е проблематично да се научи. Порано, за некој да биде новинар, требаше некој весник да прифати да објавува написи на кандидатот за новинар, и тоа да помине некој филтер, затоа што несмасно напишаниот весник нема да се продава па може и да пропадне.
Сега, нема што да пропадне. Порталот е хостиран некаде и зрачи без потреба да биде печатен. Тоа не е скапо. И сега, на човекот доволно му е да знае да треска глупости, да пцуе и на некоја публика да ѝ изгледа паметен, за таа да го следи и евентуално да клика на рекламите на сајтот.
Ваквите луѓе-кловнови, кои денес се доволно влијателни и масата народ им обрнува внимание, порано беа наречени „шупелки“. Тие седеа по кафеани и луѓето ги честеа за овие да тресат глупости и публиката да им се смее. Народот и играше дангара со нив. Но сега, наместо народот да си игра дангара и да им се смее, тој клика на рекламите и им ги чита глупостите напишани во нивните портали.
Се чини дека целата поплава од ликови волни да зборуваат доаѓа од исконскиот нагон на човекот да се движи. Ако му ги врзеш рацете и нозете, ако доволно го обездвижиш во телото, тој ќе почне да ја движи устата за сепак нешто да прави.
Но не се само возрасните волни за правење шупливи работи.
Помладите, станаа пејачи кои никаде не настапуваат но затоа пак снимаат песни коишто никаде не се емитуваат, разни спортисти кои играат на турнири за кои плаќаат да учествуваат и фудбалери кои играат во рамките на турнирите организирани од „ фудбалските академии“ и невработени глумци.
Сѐ само не нешто корисно и реално потребно.
Сега за „кремот“
Дното на сите дна е резервирано за јутјуберите, твитерџиите, хејтерите и инфлуенсерите. Тоа е една иста гарнитура од целосно бескорисни и некомпетентни ликови кои наспроти нивната неупотребливост се доволно итри да напишат нешто иронично, саркастично или цинично со кое ќе побудат одредени ниски емоции кај масата од сличните на нив која, нормално целосно несвесно, како амеба ќе завибрираат неколку секунди додека не се префрлат на чекачки пасивен мод до следниот твит или мем.
Јутјуберите, не мораат ни тоа да го прават. Доволно е само да се глупираат. Колку повеќе, толку подобро. На некомпетентниот не му е тешко да се глупира. Така, се чини дека јутјуберите по својата бескорисност „ги шијат“ дури и твитерџиите.
Сите овие ликови, пред 50-тина години не постоеле, затоа што пред индустрискиот бум луѓето беа принудени да работат корисна работа, така што сакале-неќеле, преку практична работа се квалификуваа.
Сега умре и тоа. Индустријата ги создаде своите мутанти кои немаат што да работат па пцујат по јутјуб, хејтаат и твитаат. Тоа е тоа.
Едно само ме интересира:
Кога овие луѓе би ги снемало дали некој би заплакал по нив?