Зборовите се како пердуви

Поучни приказни

Еден ден, една млада жена ја навредила својата најдобра пријателка со тоа што се однесувала неучтиво и грубо со неа. Таа веднаш зажалила за својата постапка, но веќе било премногу доцна. Нејзината пријателка не сакала да и прости.  На кој и да било начин да пробала да се извини младата жена, секојпат напорите и биле залудни.

Обидувајќи се да ја поправи сторената грешка, таа отишла кај највозрасниот и најмудар маж во градот, барајќи совет. Старецот трпеливо ја ислушал за да разбере колку е сериозна младата жена и колку сериозно посакува да и биде простено.

Тој и објаснил дека понекогаш, за да си ги поправиме грешките, треба навистина многу да се потрудиме. Затоа ја прашал:

-На што се си подготвена за да ја искупиш вината?

Одоворот и бил дека е подготвена се да стори за да се искупи.

Слушајќи го нејзиниот очаен глас, старецот го почувствувал нејзиниот искрен копнеж да ги поправи работите и затоа решил дека треба да и помогне не само да ги реши проблемите, но и да си го промени карактерот.

–        Две нешта се потребни за да ја постигнеме саканата промена – рекол тој.

–        Првото е доста тешко. Земи ги најголемите перници кои се полнети со гускини пердуви од твојот дом и на секоја направи и мал отвор. Потоа, дури да изгрее сонцето, остави по еден пердув на секој прагот од секоја куќа во градот. Кога ќе завршиш со тоа, врати се пак кај мене. Тогаш ќе ти кажам што ќе биде втората задача.

Младата жена набрзина отишла дома за да ја исполни задачата, макар што и било жал за перниците затоа што биле доста скапи. И покрај тоа, таа цела ноќ лутала низ улиците од врата до врата, борејќи се со студот и уморот и внимавајќи да не пропушти некоја куќа. Прстите и замрзнале, а ледениот ветер и ги полнел очите со солзи. Таа трчала низ темните улици, среќна што сепак постои начин да ја врати довербата на пријателката. Со појавата на првите сончеви зраци, таа го оставила и последниот пердув.

Со изгревот на сонцето, жената се вратила кај старецот. Била истоштена, но среќна знаејќи дека упорноста ќе и се исплати.

–        Перниците се празни, пред прагот на секој дом оставив по еден пердув.

–        Сега -рекол старецот, – врати се по истиот пат и повторно наполни ги перниците со пердувите. Тогаш се ќе биде исто како порано.

Жената била потресена од тоа што го слушнала.

–        Тоа е невозможно! Секој пердув кој ќе го оставев пред куќата, во истиот момент ветрот го разнесуваше по улиците! Ти не ми кажа дека ќе треба повторно да ги соберам пердувите! Ако тоа е втората задача, тогаш таа е невозможно да се исполни и никогаш нема да биде како порано!

–        Во право си – рекол старецот. – Никогаш не заборавај дека секој твој збор е како пердув однесен од ветрот. Кога еднаш ќе се изговори, никаква сила, никаква волја, без разлика колку е голема и колку е искрена, не може да го врати назад.

Одбирајте ги зборовите и мислите разумно пред да ги изговорите, особено пред оние луѓе кои искрено ги сакате.