Ние и “другите”

Размислувања

Илузијата дека „другите“ постојат надвор од нас не прави безмилосни (нељубовни). Љубовта не е ништо друго освен разбирање и прифаќање што задолжително вклучува милост.

Се чини како животот постојано да не исправа пред еден ист проблем, а тоа е нашата неспособност да се соочуваме со „другите“, да се обидуваме да ги негираме, од време на време да ги отфрламе, да се обидуваме да ги промениме, да се плашиме од нив и соодветно да ги мразиме, понекогаш свесно, но најчесто несвесно.

И така, ние се потресуваме кога нешто ќе ни се случи нам или на „нашите“, додека на туѓата мака гледаме како на нешто што му се случува таму на некој туѓ, друг, одделен, башка од нас. Па викаме, пу! пу! скраја да е!

А животот само трпеливо си чека да разбереме дека „тие другите“ се НИЕ затоа што ако ТИЕ не се НИЕ, ТИЕ не би биле во НАШАТА близина, и НИЕ не би биле во можност да ги гледаме, слушаме, разговараме со нив. Или можеби грешам?

Кога се плашиме од некого, ние се плашиме од нашата слабост. Се плашиме од нашата неспособност да го љубиме и да го прифатиме таков каков што е, да му се радуваме што постои точно така како што Бог го создал. Затоа, свесно или не, ако веќе не можеме да го промениме по наш вкус, свесно или не, се обидуваме да го истуркаме подалеку од нас, да не ни „смрди“ во нашиот простор, да не не загадува, да не не вознемирува со „неговото“ постоење, да можеме да си бидеме раат сами со себе, и се разбира со „нашите“ што си ги сакаме.

А пустото,
на овој свет раат да се немало.
Од кого?
Од другите?

Хм… силно се сомневам.