Човекот што си ја гледа работата

by Јул 10, 2019Размислувања

Ако еден човек успее да научи да си ја гледа работата, тој ќе успее во животот.

Да си ја гледа работата значи да успее да истрае да го концентрира своето внимание во нешто добро и убаво што ќе го направи помоќен и понезависен.

Сите луѓе сакаат да бидат независни. Никој не сака да биде командуван или зависен од било што, но не секој чувствува дека е достоен да биде слободен, затоа што животот го научил да мисли дека слободата и убавината се само за избраните.

Не, не се.

Слободата и убавината се за сите луѓе кои се сконцентрирани врз слободата и убавината прво во својот мозок, во своите визии, внатре во главата, а потоа се готови да ги засукаат ракавите и да ја износат и родат рожбата наречена слобода и убавина.

Кога човекот ќе го сконцентрира своето внимание врз убавината, концентрацијата ќе насочи и преумножи енергија и околности кои ќе направат да се појават прилики за реализација на тоа убавото што до тогаш било само идеја. Концентрираниот човек нема ни да почувствува како просто ги грабнува приликите што „од никаде“ му се појавуваат и ги искористува без напор.

И туку гледаш! Одеднаш, убавина за тој кој издржал да верува и да работи на идејата во пустината да процветаат рози. Слобода за тој којшто се трудел и се откажувал за да ја надрасне и на тој начин да ја надмине состојбата во којашто претходно бил.

Овде се работникот кој станал сопственик, момчето кое пораснало во домот за сираци но сега е угледен човек, овде се сите луѓе кои не биле задоволни со состојбата што ја добиле со своето раѓање и затоа ја надминале со љубов и посветеност, правеќи само едно:

Си ја гледале работата!

Она што тие не правеле исто така било само едно:

Не ја гледале туѓата работа.

Не се занимавале со туѓите недостатоци, затоа што знаеле дека секоја секунда е драгоцена за нив. Тие биле штедливи во енергијата и вниманието, знаејќи дека секое фрлено внимание на нешто што е слабо е престап кон убавината и слободата наречена Бог.

Да се занимаваш со туѓата работа значи само едно, а тоа е да се занимаваш со некаков дефект. Да се занимаваш со туѓа работа, значи да се занимаваш со туѓиот дефект кој на никој начин не можеш да го исправиш, затоа што не е твој.

Бог му дал на секого да се занимава со својата работа, односно да работи на поправање на својата личност затоа што никој не може да го поправи другиот, но може да се поправи себеси.

Бог ги исправа патиштата вели Библијата. Ова значи точно тоа. Бог го сака убавото и доброто и тој ќе создаде околности, прилики и средства човекот да ја реализира убавината што ја проектирал врз наговиот мозок.

Задржувањето на една мисла подолго време и честото навраќање на неа е нешто многу познато за успешните луѓе. Секој кој успеал во нешто успеал затоа што си ја гледал таа работа прво внатре во себе, а потоа и внатре во себе и надвор од себе.

Таа убавина што ја гледал внатре во себе ја создавал надвор од себе со љубов, истрајност и вера во убавината и слободата додека не станал сведок ка крајниот феномен што го посакувал на самиот почеток пред да си ја постави задачата пред себе.

Нарачај книга од Валентино

За 190 денари со БЕСПЛАТНА достава!