КАКО СЕ СОЗДАВА СТРЕСОТ
Со една реченица, стресот е состојба на страв родена од вера во моќта на околината.
За да се случи состојба на стрес, околината мора да биде поблиска до човекот отколку што е дозволено. Човекот никогаш не може да се плаши од себе. Тој може да се плаши само од околината.
Кога човекот ќе ја намали дистанцата со околината, таа му станува многу блиска и на тој начин неговиот ум наместо да се идентификува со своето себство, се идентификува со околината. Тоа создава страв, а стравот раѓа стрес, затоа што преголемата близина во телото автоматски активира механизам за самоодбрана. Ова просто значи дека човекот наместо да се оддалечи од околината, тој се гнете во неа и потоа се обидува да се одбрани.
Во оваа приказна многу важен е зборот „идентификација“. Да се идентификува, значи да снима и да копира. Механизмот на копирање се активира со насочувањето на вниманието кон нешто. Насочувањето интензивно внимание кон нешто, прави мозокот да создава сочувство. Со-чувство, чувство приближно или еднакво со нешто што внимателно се набљудува.
Сочувството му е дадено на човекот да се восхитува кога ќе види нешто убаво. Но, истото работи и кога човекот ќе види нешто слабо па ќе се згрози или ќе се ужасне. И ужасот и восхитот делуваат еднакво со тоа што прават силно копија од виденото.
Ужаснувањето прави впечаток во умот, или копија и тоа лоша од тоа што е видено. Потоа, истата внатре во мозокот се меша и внатрешно се копира со други слични порнаешни перцепции и сѐ така во круг. Умот, ископираното, го создава, па на создаденото се лепи нова конфузија од околината. Тоа е кругот на деградација на човекот.
Но човекот не е свесен за ова. За ова може да стане свесен (и тоа на малкумина им успева) дури тогаш кога ќе заглави во некоја осаменост, напуштеност, тепачка, војна, болест или сиромаштија. Ако во овие ситуации човекот не потклекне и не почне да се бори со околината, тој може да се освести. Но природата на човекот е да се противставува, не знаејќи дека на тој начин само ја јакне околината која му ја црпи енергијата.
Ниту една сиромаштија, немоќ или болест не е родена од оригиналната личност на човекот (Христос), туку се создава од тоа што човекот дал сочувство кон некоја слабост манифестирана од страна на околината. А околината е желна за сочувство. Да ѝ се даде сочувство на слабата околина значи да се падне и тоа јако. Моќниот кој ќе даде сочувство на околината само ќе си одземе од својата моќ.
Вистински моќниот не сочувствува со слабото. Тој помага! Колку само луѓе ништо не прават, туку само празно сочувстуваат со туѓите маки? Ако хирургот сочувствуваше со пациентот, тој ќе беше неспособен да му помогне, затоа што слабоста на пациентот ќе станеше негова. Да помогне е способен само тој што не сочувствува со слабото.
Кога човекот не сочувствува, верува дека слабоста што ја гледа е лага, привремена грешка во сликата што може да се исправи. И тој помага. Неговата невера во слабоста е првиот чекор кон надминувањето на грешката. Хирургот кој не верува дека може да помогне да оздрави пациентот, нема да пристапи кон операција.
И како што стресот се создава од прголема блискост со околината, така и исчезнува кога човекот ќе се оддалечи на пристојно растојание од неа. Ова не е лесен, а уште помалку и брз процес, затоа што околината е соблазнителна. Постојано подлажува со своите колачиња.
Затоа, единствено градењето дистанца е единствениот исправен духовен пат.
Сѐ друго е од нечестивиот.