Колку пати сте го чуле некој „да извисил“?

Го чекав да ми ги врати парите што ми ги должи – но ме извиси. Уште го чекам.

Еден пријател, на татко ми му вети дека ќе ме вработи и ме извиси – Работното место му го дадоа на друг.

Ортакот ме извиси – Си отвори конкурентска фирма.

Ме извиси полицаецот што требаше да ми ја скине казната. – Платив казна и плус судски трошоци.

Ме извиси адвокатот – Ми вети дека ќе го добиеме спорот, но го изгубивме.

Ме извиси љубовницата – не дојде на партија секс.

Суштината на извисувањетое лежи во очекувањето. Човекот очекува нешто да добие но не го добива. За да очекува, тој треба да верува дека ќе го добие тоа што некој му го ветил.

Ова покажува дека заедничките именители на извисувањето се:

Очекувањето и

Верувањето.

Очекувањето и верувањето се мајката и таткото на извисувањето.

Извисувањето пак, е и мајката и таткото на нешто што се вика разочарување.

И не само тоа, туку, колку поголемо е верувањето, толку поголемо е разочарувањето што човекот ќе го доживее тогаш кога „ќе го извисат“. А, всушност никој никого не извисил, туку извисениот, сам се извисил со тоа што очекувал, верувал и се надевал.

Народот убаво рекол: Ветувањето е радост за будалиот.

Кога некој на некого ќе му вети нешто, тој очекува оној другиот да му верува во приказната дека ќе го добие ветеното. Тој треба да се потпре на чесниот збор на ветувачот. Бадијала уште од римско време е измислено граѓанското право, договорите и судовите. Луѓето пак одбираат да веруваат едни на други на „жими мајка“.

Па после „извисувале“…