Модерниот човек е импотентен

Размислувања

Животот на мнозинството луѓе, денес се состои од многу лични приказни, планови а малку или никаква реализација. Модерниот човек е ефект на околината на којашто толку многу ѝ верува што дозволува таа во неговиот ум да му всадува слаби ментални модели коишто потоа му создаваат лоша лична реалност.

Реалноста е тридимензионална визија создадена според ментален модел. Секој човек живее во реалност усогласена со моделите што ги носи во неговиот ум. Тоа е суштината на верата. Ако човекот верува во слабост, неговите ментални модели ќе го тераат да прави слаби работи, да се однесува како слаб човек. Ако верува во лична моќ и креативност, ќе биде спротивно. Тој повеќе ќе господари со својот живот. Слабиот човек е ефект на околината, додека јакиот е причинител врз истата.

Додека јакиот човек презема одговорност да причинува, слабиот не презема одговорност и чека насоки од другите околу него. На тој начин, тој делува како ефект на околината која го води таму каде што таа тргнала.

Човекот кој е ефект на околината не е способен да го оплоди светот со своја идеја. Тој гледа како светот наместо него, без ред го оплодуваат други со своето семе – идеите и моделите.  Ефектираниот човек не го контролира својот живот, туку „големците“ околу него го прават тоа наместо него.

Големци пак, колку сакаш. Од партиски водачи, претседатели, директори, полицајци, па сѐ до локални мангупи, сите тие се поважни од него во неговиот живот од него самиот.

Креациите што ги раѓа и на кои им служи овој човек ниту се негови, ниту се посакувани. Исто како сирачиња за кои некој кој не им е родител мора да се грижи.

На ваквиот човек (а такви се најголем дел од просечните луѓе) животот му е едно големо сиропиталиште, во кое тој во исто време е и одгледувачот на сираците, и најголемиот сирак меѓу нив.

Секоја туѓа идеја е семе на креција која кога ќе се роди ќе биде сирак, роден од блуд на импотентниот човек со надворешниот свет. Импотентниот човек е постојано цел на околината на која ѝ ги одгледува сираците.

Како банкарите и капиталистите ќе се богатат ако нема кој да им ги гледа сираците? Ако тие самите си ги гледаа, целото богатство ќе им летнеше за нивата издршка. Но тие се сетија дека има некој побудала кого ќе можат да го хипнотизираат да им ги преповива децата а потоа тие само да си играат со нив.

Лесно е да си играш со едно дете и да му се радуваш додека друг го храни и го преповива.

Погледни го капиталистот кој горделиво се шета низ фабриката додека обичните работници од ден во ден ја работат монотоната работа во халата создавајќи го и одржувајќи го тоа чудо што тој од горе, од дирекцијата го гледа и му се радува.

И не само што му се радува, туку го расте и дебелее. А обичниот индустриски човек од ден во ден работи без да ја почувствува радоста на сознанието дека нешто е негово, дека е тој господар на тоа нешто.

Наместо тоа, модерниот човек сака само поголема плата, повеќе денови за одмор, помало работно време, повеќе слободно време и слични бенифиции кои ни од далеку не се доволни за да го покријат неговото незадоволство што му го носи сознанието дека тој не е фактор, туку мало штрафче во машинеријата за која работи и си го троши животот.

На модерниот човек денес вниманието му е растргнато на илјадници страни и тој немоќно гледа како реалноста сама од себе без негова контрола се создава и на смрт го преплашува.

И така, секој ден надворешниот свет на сиромавиот човек му насадува нов ментален модел во главата, ново убедување, што од своја страна му раѓа нов сирак за гледање пред него, кој не му се допаѓа, никако не му се допаѓа.

А не му се допаѓа затоа што тој нема однос кон сиракот што треба и мора да го одгледува. Некој му рекол дека треба да се грижи занего, дека е негов, можеби е негов, најверојатно е негов штом се родил кај него.

Но ваквиот човек длабоко во себе чувствува дека нешто не е во ред, дека тоа што се родило ниту е негово, ниту пак сака да биде негово. Тој не го препознава, но го гледа, и полека се обидува да се навикне на него.

Заради тоа, тој не превзема одговорност за ништо. Тој ништо не знае, на општеството му препушта тоа да се грижи за сите работи освен за тоа каква тетоважа ќе си стави. И мисли дека ќе стане среќен.

Но не му успева. Никако не му успева да стане среќен, затоа што единствената среќа што човекот може да ја има доаѓа од сознанието дека тој е фактор на својот живот и дека е одговорен за тоа што го прави.

Потоа почнува да пие алкохол. Но ај да е еден сирак, и некако ќе го гледа. Да се двајца сираци, пак… Но туѓо зачнатите сираци кои просечниот човек ги одгледува не се бројат.

Некои од пијачите на време разбираат дека алкохолот нема сираците што ги одгледуваат да ги направи посакувани па решаваат да почнат да прават нешто за себе но таквите се малку. Поголемиот дел ја чекаат пензијата којашто никако да дојде затоа што властите на кои тие им го препуштиле своето од бога дадено право да решаваат постојано го подигаат прагот на возраста за одење во пензија. И на крајот кога некој ќе ја дочека долгоочекуваната пензија, ќе умре, затоа што нема да има добри лекари да го одржуваат во живот.

Тоа е судбината на импотентниот човек чијашто жена (неговиот свет) ја оплодува околината. Животот на денешниот несреќен човек е една голема реденка. Секој чека на ред за да го принуди на противприроден секс во кој ќе се зачне нов сирак за кој сиромавиот човек ќе треба да се грижи.

А машината меле ли меле.

Човекот оди на работа, и таму работи нешто што не е негово за плата што не може да ја контролира. Всушност, не може да контролира ништо, освен ако синдикатите (пак други) избоксирале бенефиции во случај на отпушатање. Не може да си ја контролира ни кариерата. Наместо него други напредуваат, тој оди назад затоа што не му е симпатичен на шефот.

Му натрапиле идеја да купи нови завеси, тој оди, ги купува, троши пари, но тие не го радуваат затоа што таа идеја всушност дошла од жена му која ја чувствува туѓа затоа што и со неа трчајќи по работа изгубил комуникација, па сега ја чувствува како натрапена.

Купува телевизор на кредит, па го враќа кредитот. Можеби куќа ќе купи на кредит. Па жена му ќе му избега, ќе се разведе, па расправии, бракоразводни спорови во кои алчните адвокати двајцата партнери ќе ги кинат како гладни орли се додека не им ги оскубат сите пари.

И бракот беше сираче како и разводот. Се зедоа без љубов, се испотепаа без љубов, се разведуваат без љубов без ништо да знаат, без грам лична власт да стават врз тоа што го правеле.

После наоѓаат или не други партнери, други слуги како нив, па заедно со нив ги гледаат и нивните сираци. Мака без смисла и крај.

На вести слуша непотребни работи за еден или друг човек кои ништо не му значат. Потоа ќе разговара за тие луѓе со други луѓе пред зградата кои исто така не му значат ништо, но сепак со нив компулзивно комуницира, затоа што му е страв да остане сам.

Ништо не му значи ништо. Ништо не е негово, врз ништо не полага сопственост или власт, за ништо не е фактор. Знае дека и со него и без него сѐ ќе биде исто.

Децата му се туѓи затоа што зборуваат со непознат речник што го научиле од туѓите учителки во туѓата градинка, училиште или на улица. Сѐ е туѓо и од друг оплодено, од туѓо семе зачнато, а негово е да го храни, да го одгледува и кога ќе узрее да му го предаде на сопственикот.

Децата ги дава во јаничарски градинки да бидат тренирани да им бидат верни слуги на капиталистите, под команда на копче да работат и на копче да трошат. Кога системот ќе го стегне синото копче, тие ќе се испотепаат да работат, а кога ќе го стисне зеленото, ќе се испотепаат да земат кредити за да купат глупав телефон од 2000 евра на кредит.

Потоа, тие деца ќе му избегаат во туѓина опчинети од светките што пред нивните очи им ги мафтаат капиталистите и ќе го остават да умре сам како куче, со кучето кое ќе го шета секое утро в парк собирајќи му ги лајната со кеса.

Мора така. Нема кој да му прави друштво, затоа што ни тој знае дека има деца, ни децата знаат дека имаат родители. Не се виновни. Едни на работа во различни смени, други во градинка, на училиште или на факултет. Видување само за празници. Милина Божја.

Индустријата на родителите гледа како на машини за раѓање и возење на децата од дома до некое јаничарско место и назад, каде ќе им биде перен мозокот и каде ќе бидат учени да го задоволуваат системот.

Што да прави модерниот човек кога е импотентен да ја оплоди реалноста со својата љубов, со своето семе. Кога би имал свое семе, тој би знаел што да прави. Но не знае. Кога би имал свои рожби, би се држел на страна од околината и би знел дека реалноста (неговите рожби) што ја доживува е негова, љубовна, посакувана и со љубов негувана и растена. Но, ништо не е негово.

И пак, околината му командува: Се роди! Ред е да го нишкаш!

Природата на реалноста е таква. Родна е до небо. Но некој треба да ја насади и да ја одгледува. Или сам ќе ја сади и негува или друг ќе му ја насади со трње а тој ќе треба да одгледува трње, рожби на кои не им се знае таткото.

Реалноста пет пари не дава кој е татко. Нејзино е да раѓа, а за модерниот човек е важно дека тој не е татко и затоа сиромавиот потонува во пороци за со нив, ако може, да се задоволи барем малку. Но не може и никогаш не можело.

Тажна е судбината на импотентниот. Нему постојано му се раѓаат деца од ојле и дојле а тој ги храни и ги нишка.

Ако не верувате, во сабота и недела ѕирнете во контејнерите на европскит еградови. Ќе видите како претекуваат од празни шишиња од вино и ракија. Тоа вино и ракија некој ги испил за нешто. Тој што пиел имал мака, не ги пиел туку така. Ако немал мака, немало да му требаат. Но не знае сиромавиот дека со вино и ракија мака не се лечи.

Маката е голема, затоа што неговата личност е пребришана од медиумските слики со кои го хипнотизира индустријата наметнувајќи му поведение по нејзина волја. А бидејќи индустријата не е една, туку се многу, лековерниот и наивен човек кој опчинето гледа во надворешниот свет, бидува обземен од идеите на светот за него.

Кога тие идеи ќе му се снимат во мозокот, тие ќе создадат убедувања според кои мозокот ќе почне да создава модели на однесување и делување кои ќр почнат да го тргаат на многу страни, секоја според својата природа. Еден модел ќе го трга да си купи автомобил, друг ќе го влече да го набави најновиот телефон, трет ќе го тера да купи поголем телевизор, четврт да си најде љубовница и покрај тоа што човекот има жена итн.

Ваквиот човек станува анксиозен. Анксиозен е еуфемизам (благ збор) за преплашен.

Многу природно е човекот да се плаши од несигурното кое постојано го заплашува. Но тој не знае дека несигурноста е природна рожба на расфрланото внимание.

Модерниот човек со помош на медиумите одамна е станат воајер. Погрешно е да се мисли дека воајер е само тој што крадешкум следи како луѓе имаат секс.

Напротив. Секое пасивно следење на туѓа акција е воајеризам. Која е смислата нешто да се гледа внимателно, да се мисли на тоа или да се озборува истото, ако не е целта на тоа создавање на истото?

Библијата вели: Не суди за да не бидеш суден, затоа што како што судиш, така ќе судат за тебе.

И воајерот денес гледа некоја слабост, ја критикува и ја озборува не знаејќи дека на тој начин лично, самиот тој во својот мозок создава сличен модел кој животот ќе му го испрача во првата прилика.

Луѓето се сетиле и рекле: На тоа што сум се посмеало, тоа ме навејало.

Да, секако, мал дел од луѓето можат да се пофалат со креации, но тој број е мал. Мнозинството се самозадоволува со зјапање во туѓите кафиња сликани на фејсбук.

Нарачај книга од Валентино

За 190 денари со БЕСПЛАТНА достава!