МОЗОКОТ НЕ Е ЗА УКРАС ТУКУ ЗА ДА СЕ КОРИСТИ
Зрел е човекот кој научил да мисли со големиот мозок, а тоа значи правилно да анализира, да предвидува (пророкува) и да донесува одлуки.
Зрелиот човек има чувство за себе и како таков си верува себе си. Тој си поставува цели, ја анализира ситуацијата, проценува, работи, пак проценува и ги набљудува резултатите. За зрелиот човек светот има второстепено значење.
Незрелиот нема чувство за себе и затоа се врти кон светот. Светот на незрелиот човек се другите и тие имаат првостепено значење додека самиот тој е во втор план.
Затоа тој му верува на светот и неговите трубачи а тоа се најнекомпетентните луѓе како што се: старлетите, фудбалерите, глумците, музичарите, бајачите, јасновидците, астролозите, тренерите по јога, надрилекарите, јутјуберите, твитерџиите, интернет порталите, инфлуенсерите, партиските функционери, теоретичарите на завери, лајф коучевите, новинарите, политичарите, газдите на фирмите, поповите, берберите, фризерките, козметичарките, блогерите итн.
За простиот човек сите овие ликови имаат мислења и знаења и незрелиот човек има очајна потреба од нивните проценки за да се ориентира во животот. Тој не го вклучил својот личен радар во ликот на големиот мозок или Исус Христос и затоа интуитивно бара некој кој „знае“ , „гледа“ и „може“.
За незрелиот, јасновидецот е тој што ќе му ја претскаже иднината, политичарот е тој што ќе го одведе до неа, а надрилекарот е тој што ќе го лекува ако нешто се случи по тој пат.
Животот на незрелиот човек е кошмар. Тој потпаѓа под влијанија на другите и создава мислење на база на нивното мислење, а потоа мисли дека тоа мислење е негово. Кога ќе загази во кал со тоа мислење, тогаш пак се обраќа кон истите според чие мислење влегол во калта.
Излезот од овој кошмар е воспоставување на самоконтрола и постојана работа на своите цели и интереси. Само фокусираната и целенасочена работа може човекот да го доведе повисоки степени на свеста, а таа доаѓа од кортексот на големиот мозок.
Ова е така затоа што кога човекот интензивно работи на нешто, тој мора да мисли, а мислењето се вежба исто како и сите други работи. Во текот на таа вежба, човекот воспоставува сѐ поблиска комуникација со себе, односно со својот кортекс. Таа комуникација, потоа му станува навика и после се манифестира на сите полиња од животот во форма на зголемена свест.