Човекот кој сака да биде здрав и среќен треба прво да биде моќен и независен. Зависноста ги убива идеите за напредок на личноста и со тоа инсталира пасивно однесување, кое по извесно време почнува да се зголемува и да доведува до масивна пасивност, а тоа е суштината на депресивноста, анксиозноста и другите психички проблеми.

Затоа ѕидањето на што е можно поголема лична моќ е единственото нешто што може да нѐ спаси од прегратката на капиталистите, банкарите и сопствениците на недвижности што едвај чекаат да ни ја исцедат крвта.

Слободата е моќ да се дава љубов и внимание според сопственото разбирање. Слободниот ја насочува љубовта онаму каде што сака и е имун на слабата околина и нејзината конфузија.

Тој знае дека е способен да се управува себеси со помош на својот карактер, јасна мисла и насоченост кон целта. Таквиот има власт и контрола врз себеси, си ја знае сметката може да биде ментално здрав.

Личната моќ нема да нѐ заштити од смртта, но затоа пак, ќе нѐ заштити од бесмислениот живот поминат под власта на другите.

Човекот, иако припаѓа на групата примати – цицачи, сепак не е мајмунче, туку е богочовек затоа што во својата глава го носи хуманиот Голем Мозок што ниедно друго животно го нема. Како таков, тој има потенцијал да биде и моќен и слободен и пред сѐ, добар.

Добриот карактер е силен карактер, отпорен на негативни влијанија. Како што добриот автомобил е отпорен на удари и го заштитува возачот од повреди во случај на сообраќајна несреќа, така и силниот карактер ја заштитува личноста од разните зла што може да ги сретне по патот на животот.

На крајот, и слабиот и моќниот еден ден ќе умрат. Слабиот ќе умре со каење што ѝ се потчинувал на околината, а моќниот ќе умре со радост затоа што, како дивиот коњ во шумата, не паднал на искушенијата да биде контролиран од неа, туку си го задржал своето јас и си останал верен на самиот себе.

Нарачајте ја книгата Тоа што психијатрите не ви го кажуваат

За 390 денари со БЕСПЛАТНА достава!

Анатомија на љубовта - Валентино Лауцоски