ШТО СЕ ДЕМОНИТЕ?

Размислувања

Вообичаениот стереотип за демоните е дека тоа се гладни плашила со големи заби што го демнат човекот скриени во темница за од таму во погоден момент да скокнат и да му ја исцицаат крвта.

Но вистинските демони се далеку од тоа. Демоните просто се снимени команди во мозокот на човекот кои тој генетски ги наследил или несвесно ги прифатил од околината. Ова прифаќање најмногу се случува во младоста, а помалку се случува и во повозрасните години.

Со компјутерски речник, демоните се ментални вируси. Менталните вируси на телото му даваат погрешни и спротивставени податоци и команди – кои го принудуваат човекот та делува спротивно од својот интерес.

Демонските команди делуваат независно. Тие имаат „своја“ агенда што ја спроведуваат наспроти страдањата на злоупотребениот човек-носител.

Исто како што сите луѓе, кучиња и мачки имаат болви, така и сите луѓе без исклучок имаат свои ментални паразити. Не постои човек кој е сто проценти чист од натрапени идеи. Има само повеќе или помалку чисти луѓе.

Сите физички и ментални болести, како и сите негативни емоции се резултат на овие програми. Ништо позитивно не се раѓа од командите на менталните вируси. Исто како што компјутерите заразени со вируси делуваат со намалена моќност, така и луѓето, колку повеќе ментални вируси носат во себе, до толку полошо живеат.

Животот е прашање на власт. Или единката има власт и живее како што таа сака, или натрапените убедувања ѝ ја одзеле власта и командуваат со неа придвижувајќи ја како марионета.

Зрелиот човек подразбира власт врз себе и имунитет на програмирањата од страна на околината. Незрелиот возрасен човек кој од мал е под интензивно влијание на околината не е во состојба да созрее и како таков останува ранлив на имплантите од околината. Ваквиот човек сѐ го фаќа. Го мачат главоболки, го мачи стомакот, го боли крстот и така натаму.

Возрасниот незрел човек е како вреќа полна со демони. Прво, во неговата глава постојано му пеат некакви песни што последни ги слушнал на радио или слуша снимени реплики од тоа кога последен пат се скарал со жена му. Дополнително, неговиот мозок, независно од него, смислува нови дијалози и му ги „врти“ како грамофонска плоча низ главата одново и одново прекинатите разговори со шефот на работа или со кој знае кого.

Кога зборува, ваквиот човек под дејство на снимените фрази тој изговара бесмислици. И без разлика на тоа што зборовите можеби звучат здраворазумно, ако на тој човек му биде поставено прашање во правец на попрецизно објаснување на тоа што го кажал, наместо разумен одговор, тој ќе понуди нови фрази во замена за првите. Ако соговорникот продолжи да го испрашува во врска со вторите фрази, тој ќе се изнервира, а може да стане и агресивен.

Силата што човекот го тера да биде агресивен се демоните или менталните вируси коишто даваат отпор на прашањата на соговорникот, затоа што ги препознаваат како антивируси.

Здравиот разум е менталниот анти вирус што знае да постави прашање и да опстојува додека не добие одговор на прашањето упатено до вирусот. На тој начин, човекот кој се набљудува себеси и постојано си поставува прашања на кои бара одговор, се доближува до својот здрав разум. Здравиот разум, потоа, делува како универзален растворувач на автоматизмите содржани во демонските команди.

За тоа да се случи растворање, човекот прво треба да го освести фактот дека со него владејат пред сѐ туѓи, слаби и нечисти идеи што не се негови. Дури потоа, ќе може да се откачи од нивната власт и да постигне состојба на релативна ментална чистина.

Секој човек треба да биде посветен на своето прочистување и одржување на менталната чистина а потоа на одржување на имунитетот преку фокусирана работа во интерес на доброто и убавото.

Нарачај книга од Валентино

За 190 денари со БЕСПЛАТНА достава!