Несвесноста на човекот дека е смртен, го прави да си создава севозможни проблеми на земјата. А проблемите на земјата настануваат само од алчноста. Алчноста е желба за имање. Таа не е ограничена само на материјалните нешта. Таа може да биде алчност за секс, за здравје, за живот, за патување за одмарање итн.

Ако луѓето знаеја дека ќе умрат, тие ќе знаеја дека се на овој свет е минливо и затоа ќе настојуваа секој ден од својот живот да го претворат во празник. Свеста за својата смртност ќе направеше луѓето на ништо околу себе да не придаваат никакво значење, затоа што ќе знаеја дека работите на кои што тие денес придаваат значење, еден ден ќе ги нема, секако заедно со нив.

Но тоа, на овој свет не може да биде. Затоа, сите напори на човекот светот да го направи подобро место за живеење се осудени на пропаст. Светот пак ќе си биде тој што е – еден голем филм.

Она што човекот може да го направи е тој, самиот, вредно и истрајно да работи за да го смени својот личен филм. Само така, (евентуално) тој ќе може да влијае на неговата непосредна околина и таа полека да се менува.

Секако, ѓаволот ни ора ни копа. Тој е тука да им ја пренесе сета своја алчност на луѓето, за тие да потонат во филмот за кој што некој друг го напишал сценариото а ѓаволот лично – е и продуцент и режисер.

А филмот на ѓаволот има само едно име: ДАЈ ШТО ПОВЕЌЕ!