Убедувањето дека мудроста доаѓа со годините нанесло невидени штети на луѓето.

Ќе ви кажам и како.
Младите луѓе кои што бараат совети од „мудри“ возрасни луѓе, добиваат куп декрети за тоа како да постапат во дадена ситуација.

Тоа е глупост. Секое искуство е апсолутно индивидуално, и не може да се примени за друг човек.

Мудриот човек не дава совети. Тој може да укаже на аспектите на една појава која што стои пред младиот човек, но не и да го советува, затоа што младиот човек, а и секој, живее за да искусува.

Глупавите старци, со тоа што им се мешаат во животот на младите, патетично се обидуваат „да ги спасат“ младите од тоа да го искусуваат животот. Тоа е опасна стапица. Никој никого не може „да го спаси“ од самиот живот. Впрочем, животот секогаш завршува со смрт. Ајде сега, нека се најде некој таканаречен мудрец и нека не спаси од смрт. Нема таква работа.

Има мудри возрасни, но тие се мерат со десеттиот дел од промилот. Мислам дека не се повеќе од 1 на десет илјади. И ова е дури многу. Кога би имало 1 мудрец на десет илјади луѓе, не би било човештвото во ваква незавидна положба. Впрочем, погледнете малку наоколу. Кој ја доведе младата генерација во оваа конфузија во која што се наоѓа ако не нивните родители? Ако беа тие мудри, немаше децата да бидат вака конфузни и неадекватни. Оти, запомнете, луѓето учат само од пример. Бадијала се сите приказни на родителите, ако не им даваат пример на децата.

И најважниот фактор на обуката на еден човек е контролата. Родителот е тренер на детето. Прв, најважен и најблизок учител. Како може едно дете да порасне во успешен млад човек ако нема добар тренер до него да го тренира како се живее и воедно да го контролира на неговиот пат?

Лоши родители – лоши деца. Не слушајте ги патетичните трескања глупости од промашените родители кои се жалат на своите деца. Лажат – сушат. Родител не смее да се жали на своето дете. Штом детето не е на добар пат, родителот ја утнал работата, и никој друг.