ЗА ОВЦАТА ОВЧАР – ЗА ПРОСТАКОТ ДИКТАТОР

Размислувања

Простиот човек има потреба за цврста рака. Цврстата рака простиот човек го заштитува како од другите прости луѓе кои се во мнозинство во државата на простаците, така и од самиот него.

Ако немаше цврста рака, простаците ќе се испотепаа, затоа што простиот човек не размислува со предниот мозок. Предниот мозок кај простиот човек е исклучен. Не работи. Не дека го нема, само не е во употреба.

За сметка на недостатокот на преден мозок, простакот има силно развиен среден мозок. Во средниот мозок се складирани механизмите на итроштината, насилството, пцуењето, озборувањето, клеветењето, навредувањето, подлижувањето, гребењето, умилкувањето и сплеткарењето.

Простакот работи просто. Затоа е простак. На посилните им се подлижува, а врз послабите се изживува. Тоа е простата мајмунска тактика која функционира во џунглата. На простакот, односно на неговиот среден мозок светот му изгледа како џунгла. Да му беше во функција големиот мозок, од таму ќе доаѓаа други информации на пример информациите за личениот интегритет, достоинството и сл.

Средниот мозок размислува простачки, елементарно, на база на вградени стимулус – реакција – рефлекси.

Тие рефлекси во најголема мера се генетски наследени, а во помала мера се научени преку воспитувањето. Како такви, во голема мерка се дефектни и нефункционални.

Заради ова, простакот има очајничка потреба од надворешна контрола. Го знаете ли она чувство кога возите автомобил со лоши гуми? Па на свиок со поголема брзина чувствувате нестабилност во форма на чувство дека автомобилот секој момент може да излета од коловозот?

Е, тоа исто чувство го има простакот во односите со општеството, а и во односите со самиот себе. Не знае кога ќе излета од патот, затоа што гумите му се премногу крути. Затоа му е потребно плашило во форма на сообраќаец од кого ќе се плаши дека ако вози пребрзо ќе биде казнет.

Во отсуство на сообраќаец со радар и висока казна како закана од која ќе се плаши, простакот сам ќе се доведе во опасност да загине од својата лична неодговорност.

Затоа простакот се воодушевува од општества каде полицијата е строга и безкомпромисна. Тој знае дека полицијата го штити како него од другите простаци, така и нив од самиот него.

Простачката држава има очајна потреба од диктатор. Плачат простаците по диктатор, но во исто време и го озборуваат, тивко, никој да не чуе. Така функционираат тие.

Диктаторите се исто така простаци, само поитри и повластољубиви од обичните простаци кои ги избираат. Може да се наречат архипростаци. Тие, иако прости во мозоците, способни се да се стават во служба на казнувачи и контролори на обичните простаци.

Нивната архипросташтина им пречи да го освестат простиот факт дека во првата прилика, кога толпата простаци ќе воочи „подобар“ диктатор на хоризонтот, со заби ќе го изеде стариот.

Тоа е судбината на простата маса.

Нарачај книга од Валентино

За 190 денари со БЕСПЛАТНА достава!