Што значи да си љубовен?
Да сакаш да создадеш убавина е висок мотив за живеење. Кај љубовниот човек секоја постапка е мотивирана од потребата за убавина а од квалитетот и интезнитетот на неговата љубов зависи и неговиот израз – неговата убавина на живеење.
Запомни дека животот што го живееш е израз на твојата внатрешна суштина и тој директно е зависен од твојата љубов. Затоа, кога мислиш дека не живееш убаво, тоа значи дека нешто не е во ред со твојата љубов.
Ова значи дека нештото што не е во ред можеш да го смениш, да го поправиш и да го разубавиш само ако му всадиш љубов или ако го замениш со нешто љубовно.
Љубовниот човек постојано се изразува и настојува да се подобри. Тој живее за својата љубов и бара убавина како во себе, така и надвор од себе. Да ја бараш убавината надвор од себе, значи да сакаш да бидеш во хармонична околина.
Оваа потреба извира од свеста дека околината е изворот на твојата инспирација. Ова сознание прави љубовните луѓе да одбегнуваат неубава околина воедно настојувајќи да бидат во близина на убави работи, да зборуваат убаво, да се движат убаво, да бидат чисти и физички и ментално.
Љубовта создава потреба за правење и таа те користи за да прави не што годе, туку тоа што го прави, го прави со намера да биде убаво.
Убавото не мора да е скапо. Постојат многу скапи работи што не се ни најмалку убави. Погледни го на пример човекот којшто направил голема и грда куќа, наспроти човекот којшто од својот скромен стан направил хармонично место за живеење.
Филозофијата на љубовта е убавината и љубовта се манифестира како убавина во секој поглед.
Така, кога планираш утре да направиш нешто што ќе ти го разубави животот, знај дека тоа го правиш затоа што си поттикнат од љубовна потреба. Затоа се вели дека љубовта е потреба и дека секое живо нешто што постои на овој свет има потреба од љубов.
Нарачајте ја книгата АНАТОМИЈА НА ЉУБОВТА
За 190 денари со БЕСПЛАТНА достава!