Има една вистина, а таа е дека никој не сака да биде контролиран од страна, освен ако уште од мал не е систематски навикнуван на тоа. Дури и тогаш кога преку процесот на едукација неговиот мозок е доволно испран од идеите на околината, човекот потсвесно не сака да се потчинува и тоа несвесно го прави на сметка на личното физичко и ментално здравје.

За разлика од старите времиња кога надворешната контрола се наметнувала со брутална сила, во денешниве модерни времиња надворешната контрола елегантно и полека почнува да им се наметнува на децата од мали нозе, преку образовниот процес уште од претшколска возраст. Во училиштата, таа контрола само се засилува, за потоа само да се зацврсти во рамките на работните места.
 
На тој начин, кога зборуваме за најмодерната болест на сите времиња, а тоа е анксиозноста, доаѓаме до нејзиниот корен, а тоа е хроничниот страв што никогаш не престанува, а е толку потребен за едно густо населено и индустриско општество да биде квалитетно контролирано и на тој начин остварено.
 
Надзорот, камерите, 5г-системите, интернетот, следењето, кодошењето, социјалните мрежи и така натаму, се природни појави што ги има измислено цивилизираното општество за да може изгледот на општеството да биде таков каков што луѓето го посакуваат.
 
Луѓето си ја сакаат безбедноста, а безбедноста доаѓа од контролата. Секако, луѓето би сакале да се безбедни, но ако може без или со што е можно помала контрола однадвор. Но, тоа не е можно во ситуација кога на мал простор ќе се натрупаат стотици или милиони луѓе. Во густо населените места, контролата мора да биде посилна затоа што комуникациите во тие места се многу брзи, и ако не се строго контролирани, сешто може да се случи.
 
Сите сакаат индустриски производи, но тие да бидат квалитетни, убави и функционални. Сите ја посакуваат сигурноста од индустриските работни места затоа што индустријата може да гарантира дека фабриката, за разлика од земјоделското стопанство, ќе работи без разлика на временските услови.
И што е најважно… ќе им биде топло на луѓето.
Студот, жештината, ветровите и климатските услови се нешто од коешто индустрискиот и мекушав човек бега како од ѓавол.
 
За разлика од индустријата, сточарството и земјоделството се високо ризични и трудоинтензивни стопански гранки и како такви се непривлечни за луѓето. Дополнително, индустријата, особено канцелариите во индустриските објекти се чинат далеку почисти, потопли и попријатни од шталите и амбарите.
 
Така, модерниот човек си пресметува дека ако му е топло и ако е безбеден и сигурен, нема да му биде голем проблем да биде послушен и потчинет. Да, ама не. Возрасниот човек не е создаден да биде послушен. Всушност, никој не е создаден да биде послушен, а најмалку човекот.
 
Послушноста не им е својствена ниту на кучињата ниту на волците што живеат во групи. Послушноста е нужно и принудно однесување, а послушните се послушни додека не зајакнат или додека водачот не ослаби. Потоа, одеднаш, послушноста ја снемува, а непослушноста се појавува.
 
Секоја послушност носи стрес, а животот во постојана послушност е живот во постојан или хроничен стрес. Ова е така затоа што никој не може да биде сигурен во квалитетот на нечии други одлуки, и кога ќе биде принуден, натеран или изманипулиран да биде послушен, тој ќе послушува, но по цена на стрес што од ден на ден му се трупа во нервите. Значи, кога послушноста е постојана, стресот е хроничен.
 
Човекот може да биде сигурен само во себеси и во својата компетентност и тоа само до степенот на таа компетентност. Дури и кога некој е многу сигурен во себе, таа сигурност не може да биде стопроцентна. Животот не може да се предвиди со стопроцентна сигурност, но сепак, сигурноста во себеси е многу поголема отколку што може да биде во другите.

Нарачајте ја книгата Тоа што психијатрите не ви го кажуваат

За 390 денари со БЕСПЛАТНА достава!

Анатомија на љубовта - Валентино Лауцоски