Ошо за интегритетот
Вистинското сопство-битие, е на некој начин опасно за општеството, за религиозната традиција, опасно и можеби неприфатливо за толпата, за востановените верувања и традиции, бидејќи кога човекот веќе еднаш ќе го спознае своето вистинско битие-сопство, тој постанува индивидуа. (Може некој да помисли дека веќе е индивидуа, оти има име, одредена слобода, избори и волја, некаков самостален живот и слично, но тоа е многу далеку од тоа што се мисли под вистинска и реална индивидуа.)
Откако човекот ќе го спознае своето вистинско – длабоко битие, тој веќе не е дел од толпата, од психологијата на масата,од заплетканоста во општеството, тој веќе не може да верува во никакви предрасуди, суеверија, догми, тој веќе не може да биде експлоатиран од никого. Тој не може да биде подведуван, заведуван, таков човек не може никој да го намами во нешто, да му наметне нешто или да му заповеда и командува. Тој ќе живее во согласност со своите согледувања, со оглед на својата свесност и разбирање, ќе живее во согласност со внатрешната своја реалност и оствареност. Тогаш неговиот живот постигнува неверојатна убавина, интегритет кој носи вистински восхит.
Но тоа е и опасноста за општеството, за воспоставените социјални структури. Човекот кој има постигнато интегритет, тој постанува индивидуа, а општеството бара од луѓето и ги прави да бидат не-индивидуални. Наместо кон индивидуа, општеството ги учи и ги наведува луѓето кон тоа да се биде личност. Тој поим – личност треба добро да се разбере, оти е клучен за разбирање на значајни работи. Коренот на зборот доаѓа од зборот – persona што значи маска. Општеството ти наметнува и ти дава погрешна, лажна идеја за тоа што ти навистина си, всушност ти дава само играчка за која ти се закачуваш целиот твој живот.