Колку пати во животот до сега сте биле во невоља? Сигурно често пати сте биле во ситуација која слободно може да се нарече така или ако сакате мака, проблеми слично.

Дали сте забележале дека заеднички именител на сите тие ситуации е незнаењето? Било да е тоа незнаење што ја створило непријатната ситуација или незнаењето како да излезете од истата. Секој проблем за да биде проблем мора да го содржи елементот на незнаење. Се вели дека животот е училиште и дека човек учи додека е жив. Човекот живее за да учи. Тој влегува во животни игри во кои што си поставува задачи за да ги реши. Кога нив ќе ги реши си поставува нови задачи, потешки од претходните, кои што пак треба да ги реши. И се така до својата телесна смрт. Тоа е животот. Учење преку игра. Ништо повеќе, ништо помалку.

Вака кажано животот не е нешто многу светла работа, нели? Како мали учиме да одиме, да зборуваме, да пишуваме, множиме, делиме, потоа некои студираат, па евентуално магистрираат, па бараат работа, се вработуваат, имаат деца па се грижат за нив, одат на пазар, учат како да готват, да јадат, да се забавуваат да прават секс, да се однесуваат, а потоа стареат, дел од нив се раболуваат полесно или потешко умираат.

Боже, колку само досадна и бесмислена игра. А сепак, сите се бориме да се задржиме во неа што е можно повеќе постојано кукајќи како не ни чини ова или она. Ако е жешко,  зошто е жешко, ако е ладно зошто е ладно, па врне, не ни чини, па не врне, пак не чини, ако врнело малку зошто е малку,  ако врнело многу зошто е многу… Навистина не му е лесно на господ со луѓето.