Кој е вистинскиот Христос?

Библија, Размислувања

Христос не е историска личност и точно во тоа е Неговата величенственост. 

Кога површниот човек Христос – Богочовекот ќе го спушти на земјата во ликот на еден и единствен човек, кој живеел пред две илјади и кусур години, ја убива прекрасната идеја за Христос кој слезе во човечко тело, но не во едно, туку во телата на сите луѓе во форма на совршената личност, достапна за оној кој истрајно ја бара и ѝ се потчинува.

Простата логика со која умот располага вели дека ако некој бил еден и само еден пред толку илјади години, едвам ли ние можеме да бидеме такви како Тој, Едниот пред многу години. Така резонира умот на човекот. И тие што продаваат спасение играат на таа карта.

На тој начин, Христос добива ексклузивитет, што е многу погрешно, а во исто време доходовно за продавачите на спасение. Христос е роден во секој човек, само треба да воскресне, да се разбуди и човекот со Негова помош да ја раскине својата зависност од податоците и навиките кои му ги насадил и му ги сади надворешниот свет.

Всушност, смислата на спасението е да се спасиш од тие што ти продаваат спасение.

Тоа може да биде само ако го пронајдеш Вистинскиот Спасител кој е во тебе. Просто, нели?

Совршената личност е прекрасна идеја, информација што секој човек може да ја добие доколку своето внимаие го тргне од надворешниот свет и се сврти кон себе, во правец на изградба на совршена и моќна личност.

Совршената личност е дух неизвалкан од надворшни влијанија на надворешните информации и форми кои преку слатките искушенија влијаат во правец на тоа човекот да се растопува копирајќи ги масите и нивните лидери и на тој начин да се претопува во мизеријата и празноверието на масата, загубувајќи се себе си во немоќта пред материјалниот свет.

Така, површниот човек своето внимание длабоко го фокусира врз надворешниот свет. На тој начин станува несвесен за најважното нешто за коешто е дојден на земјата, а тоа е да го запознае Бога, а тоа може да биде само ако прво го запознае Христос, неговото Повисоко Јас – вистинскиот сам себе.

Верникот, вниманието го фокусира врз себе, врз изградбата на својата личност, а материјалниот свет површно го набљудува колку да не сопне и да не падне во некоја дупка затоа што знае дека надвор има доста дупки и стапици.

Исто така, тој знае дека луѓето воглавно не знаат што зборуваат затоа што немаат контрола врз себе и така, наместо да зборуваат од свеста, од нив зборуваат нивните здодевни автомати кои пердашат автоматски научени говорни фрази. Соодветно на ова знаење, верникот не обрнува особено внимание на зборовите со кое светот го бомбардира. Плус, тој знае дека колку повеќе внимание обрнува на зборовите од луѓето, дотолку повеќе ќе се извалка себеси.

Сите луѓе имаат личност. Но, колку човекот е поповршен, дотолку тој е повалкан, затоа што вниманието го насочува кон површината на надворешниот свет и од неа црпи податоци за тоа како да се изградува себе си во сиромаштија, мизерија, немоќ и болести кои потоа стануваат дел од неговата и страдална личност.

На верникот не му требаат вести и реклами за да знае на каде да го насочи своето внимание. Верникот насоките ги прима од својот мозок и од своето срце. Така, верникот, наместо на сигналите од алчниот површен свет се потпира на бесконечното богатство од податоци кои му ги дава Христос, Богочовекот, Големиот Дух внатре во него, Неговото Повисоко Јас.

Внатре во него. Не во ликот на русото момче со брада кое одеше по земјата пред две илјади години некаде во Палестина, и кое го измислија празноверните толкувачи на Светото Писмо. Верникот не го бара Христос на површината, туку длабоко во себе во неговиот здрав разум и прекрасна фантазија кои можат и планини да поместат.

Ништо победно нема од надворешниот свет. Надворешниот свет е полн со мизерија, празноверија и идолопклонство. Погледни ги површните луѓе како со надеж гледаат кон нивните земски претседатели и директори, кон ликовите на смртните луѓе поставени на високи позиции. Тие мислат дека тие ќе ги спасат.

Тој мисли: партијата ќе ми најде работа. И можеби ќе ти најде, секако, но постојано ќе те држи во страв дека ќе те избрка ако не слушаш што ти велат.

За разлика од партијата, Христос, твојот здрав рзум, ќе ти најде работа, со тоа што ќе ти даде моќ да се остручиш, да се оспособиш и да бидеш волен интензивно да работиш секој ден! Кога ќе се остручиш ти ќе станеш потребен и скап. Како таков, потребен и скап, никој нема да може да те избрка. Наместо тоа, ќе бидеш платени преплатен од општеството за тоа што го даваш.

За разлика од идолопоклонецот кој целото свое внимание го троши на смртни фигури во надворешниот свет, верникот гледа во себе и работи. Работи тивко и истрајно и од своето повисоко себство или од Христос црпи насоки за тоа на каде да се движи, со кого да разговара и што да прави.

На тој начин верникот се ослободува од потребата што идолопоклоникот ја има за некој гуру кој ќе му раскажува за светли ангели, серафими и слични површни форми кои очајно му се потребни на површниот набљудувач за да да се обиде да се справи со хаосот во неговата душа предизвикан од претераното внимание што му го дал на надворешниот свет.

Атеистите се луѓе кои не веруваат во „фактот“ дека Христос е човек кој некогаш во минатото постоел. Нивниот разум одбива да поверува во буквалната приказна дека Христос бил човек кој пред две илјади и кусур години правел чуда.

Но јас ти велам дека атеистите се најголемите верници, затоа што одбиваат да поверуваат во површниот концепт за Бога кој едни површни луѓе на други им го продаваат во замена за вистинскиот Христос, кој е бесплатен.

Како впрочем некој ќе ти продава нешто што е бесплатно ако не го огради со велот на мистеријата/историјата?

Никако.

Нарачај книга од Валентино

За 190 денари со БЕСПЛАТНА достава!