Басна за лавот и трите крави

Поучни приказни

На едно зелено, свежо пасиште, живееле три крави : бела, црна и кафеава. Многу убаво си живееле и си се дружеле. Преку ден си паселе заедно, а преку ноќ спиеле една до друга.

Еден ден, покрај пасиштето поминал еден лав. Тој бил многу гладен и барал  лесен плен. Кога ги видел кравите, очите му светнале од радост, но немало начин како да ги нападне и трите истовремено. Затоа седнал во заседа и чекал да се разделат.

Залудно чекал во заседа два – три дена очајниот лав. Кравите биле неразделни и дење и ноќе, затоа што знаеле дека само на тој начин ќе можат да се одбранат од нападите на грабливите животни.

Тогаш му светнала идеја. Се приближил до кравите, ги поздравил и им рекол :

-Како сте мили пријателки? Добри ли сте? Долго време мислев на вас, но бев премногу зафатен за да дојдам. Но ете, денес одделив малку од моето време и решив дека е крајно време да ве посетам.

Кафеавата крава му одговорила:

-Господине, Вашата појава многу не израдува и ни го развесели пасиштето.

Белата и црната крава се загрижиле од зборовите на кафеавата и се натажиле од нејзината наивност. Се плашеле дека лавот може да ја излаже. А зошто воопшто кафеавата крава му верувала на лавот? Не знаела ли дека лавовите ги гледаат другите животни само како потенцијален плен?

Но со секој изминат ден, кафеавата крава станувала се поблиска пријателка со лавот. Другите две пробале да разговараат со неа, но без некој успех.

Еден ден лавот и рекол на кафеавата крава:

-Ти гледаш дека бојата на нашата кожа е темна, а на белата крава е светла. Знаеш дека светлото е спротивно на темното. Тоа значи дека би било правилно ако јас ја изедам белата крава, за да нема разлика меѓу нашите бои и така ќе можеме посреќни да живееме заедно.

Кафеавата крава ги зела зборовите на егоистичниот лав здраво за готово. Го одвлекла вниманието на црната крава, за да може лавот да ја изеде белата, без никој да му пречи. Додека двете крави биле внесени во разговор, осамената бела крава лесно била убиена од лавот.

Поминале два – три дена откако лавот завршил со глодањето на последните коски од белата крава. Повторно гладен и несреќен, тој лежел на тревата, додека кафеавата крава пасела околу него. Тој ја повикал.

–        Да, господине! – извикала радосно таа.

–        Нашата боја е кафеава и црното не ни одговара. Би било прекрасно ако јас ја изедам црната крава, па тогаш во шумава би останале само животни со една иста боја – кафеава.

Кафеавата крава се согласила и се оддалечила. Лавот ја нападнал црната крава и ја изел. Кафеавата крава била толку среќна, што не ја држело место од радост. Таа се тркалала по тревата, мукала и си мислела : „Само јас имам боја како лавот…”

Неколку дена покасно дошол лавот и за’ржал:

–        Кафеава краво! Каде си?

Кафеавата крава се појавила, треперејќи од страв.

–        Да, господине!

–        Денес е твој ред – рекол лавот. – Припреми се, ќе те јадам!

Ужасната, кафеавата крава го прашала:

–        Ама зошто господине, па јас сум Ваш пријател? Правев се што ќе ми кажевте. Зошто сакате да ме изедете?

Лавот одговорил бесно:

–        Не давам ни пет пари за твоето пријателство! Каде се чуло и видело, лав да е пријател со крава!

Колку и да го молела и убедувала кравата, лавот не сакал да ја слуша и се нафрлил врз неа

Тогаш кравата го замолила лавот:

–        Господине Лав, дозволете ми само да викнам три пати пред да ме изедете.

–        Добро, но само побрзо.

Кафеавата крава извикала:

–        Бев изедена тој ден кога беше изедена белата крава! Бев изедена тој ден кога беше изедена црната крава! Бев изедена тој ден кога му поверував на лавот!

Лавот за брзо време ја изел кафеавата крава. Потоа си рекол:

–        Во оваа шума завршив работа. Сега ќе одам во други шуми да си барам пак некој лесен плен.

Ете тоа е принципот на :“Раздели и владеј“.