Басна за волкот и чапјата

Поучни приказни

Еден волк се насладувал со месото од неговиот плен, кога наеднаш му застанала малечка коска во грлото и тој не можел да ја голтне. За кратко време грлото почнало многу силно да го боли, а тој виејќи од болка, избезумено трчал напред – назад, очајно барајќи начин како да си ја ублажи болката. Кого и да го сретнел, го убедувал да му помогне и да му ја извади коската.

-Ќе направам се што ќе посакате – велел тој, – само извадете ја коската.

На крај чапјата се согласила да му помогне. Му наредила на волкот на легне настрана и да ги отвори челустите колку што може пошироко. Потоа го пикнала долгиот врат во грлото на волкот и со клунот успеала да му ја извади тенката коска.

-Сега ќе ја добијам ли ветената награда? – прашала чапјата.

Волкот ги наоштрил забите и и рекол :

-Биди благодарна што ја пикна главата во грлото на волк и ја извади цела. Тоа ти е доволна награда.

Благодарноста и алчноста не одат рака под рака.