Приказна за скараните браќа

Поучни приказни

Живееле некогаш во соседни фарми, двајца сложни браќа. Но еден ден тие се скарале. Тоа им бил првиот сериозен конфликт помеѓу нив после период од четириесет години, за кое време двајцата работеле рамо до рамо, си помагале, си позајмувале алатки и машини и по потреба си помагале и со стока и работници. Но ете добрите односи се расипале. Се започнало со мало недоразбирање, кое прераснало во сериозен спор и на крај стигнало до размена на навреди проследени со седмици на молчење.

Еден ден некој тропнал на вратата на поголемиот брат Џон. Тој отворил и видел човек со  столарски алат.

–        Си барам работа за неколку дена. – рекол странецот. – Дали имате некоја работа која би можел да ја сработам?

–        Да. – одговорил големиот брат. – Имам работа за тебе. Погледни го оној ров кој се протега до другата фарма. Во таа фарма живее мојот сосед, кој е мојот помал брат. Минатата седмица помеѓу нашите фарми имаше ливада, но тој копаше со булдожерот до нивото на реката и сега меѓу нас зее ров. Е, знам дека вака сака да ме налути, но јас ќе му вратам со иста мера. Ги гледаш ли оние купчиња греди до плевната? Сакам да ми изградиш ограда висока два метри за да не мора повеќе да му го гледам лицето.

–        Мислам дека разбирам – рекол столарот. – Покажи ми каде се шајките и чеканот и сметам дека ќе останеш задоволен од резултатот.

Џон имал работа во градот, затоа само му помогнал на столарот да си ги приготви алатите и материјалите и заминал. Мажот работел напорно преку целиот ден. Мерел, сечел, ковал. Кога по задијсонце стопанот се вратил дома, мајсторот веќе ја привршувал работата. Кога видел што е направено, Џон не можел да си поверува на очите што гледал. Немало ни трага од посакуваната ограда. Наместо ограда, над ровот се издигал мост кој ги сврзувал двата краја. Прекрасно изграден, со ограда и ситни украси, а по него одел малиот брат со протегната рака.

–        Браво! – рекол тој. – Да изградиш мост после се што ти реков и направив?!

Двајцата браќа се сретнале на средината на мостот и си подале рака. Потоа му се обратиле на столарот кој веќе си ги собирал алатите.

–        Почекај! Остани уште неколку дена. Имам и други задачи за тебе- го замолил Џон.

Со задоволство – му одговорил столарот. – Но имам и други мостови за градење.