Сочувство

Размислувања

Човекот во основа има два аспекти: духовен (Божествен) и телесен (животински).

Животинскиот аспект му служи на опстанокот како тело, како вид, додека божествениот аспект ја одразува вистинската суштина на човекот. Сочувството е највисоката форма на разбирање и израз, што ќе рече љубов, и со неа се изразува божествениот аспект на човекот во материјалниот свет.

Затоа, многу важно е да се научи што е тоа сочувство, и како да го препознаеме.

Денес под сочувство најчесто се подрабира негативната емоција што се јавува кога ќе се најдеме во близина на некое страдање. Тоа не е сочувство туку е страв да не не снајде нас тоа што го снашло ближниот (ближните) и таа е генерирана од животното во нас, кое се плаши.

Сочувството е разбирање и храброст да се помогне, и тоа не само на најблиските, туку на секој што се нашол во невоља.

Кога човекот ќе научи што е сочувство, тој лесно ќе може да го разликува од животинскиот страв, и тогаш ќе ја открие љубовта и соодветно мирот како врховниот израз на Бога и на љубовта.

Кога Исус вели дека е лесно да го љубиш син ти, но вистински треба да се љубат непријателите, тој го мисли точно тоа. Стравот (животното во нас) создава непријатели, се плаши, тагува, се гневи, напаѓа, се брани итн. Тоа животно во голема мера успева многумина од нас да убеди дека тоа Е „НИЕ“ и на тој начин да ја убие Богочовечноста во нас.

Кога тоа животно ќе не завладее, ние стануваме себични, агресивни, алчни, тажни, гневни и се друго негативно што може да ви дојде на памет. А Животното оставено без контрола значи само едно:

Проблем.

И колку што поголемо расте животното, дотолку повеќе проблеми создава, затоа што тоа не знае ниту за сочувство, ниту пак признава состојба како што е мирот. Ова е така затоа што животното ниту имало, ниту пак ќе има мир, затоа што така е направено и тука нема што да се прави, освен да се научиме да владееме со него.

Сепак, да имаш сочувство за оној што те напаѓа не значи да не се браниш и да подлегнеш на нечии напади. Одбраната е легитимно средство во секоја прилика, затоа што во крајна сметка, ова е материјален универзум во кој сите го застапуваме својот личен интегритет. Подлегнувањето и понижувањето значат газење на сопствената богочовечност и ниту една филозофија не го проповеда на таков начин.