Човекот креира за да им се восхитува на своите креации. Ако ова го разбереме, тогаш ќе разбереме колку луѓето страдаат кога ќе се почувствуваат неспособни да создаваат нови креации. Луѓето што престанале да креираат единствено што можат да направат е да се вклештат во својата последна убава креација, и да ја држат, за да имаат на што да се восхитуваат.

Во светот, вообичаено, мажот и жената живеат во просечен брак, а просечните бракови, најчесто, се смртно здодевни. Партнерите во нив обично се доволно мрзеливи да смислуваат меѓусебни игри, надвор од играта на одгледување на децата, која и онака, повеќе или помалку, принудно ја играат. Така, тие, природно, полека губат интерес еден за друг, и почнуваат да си се занимаваат со „свои“ работи.

Мажот, преку ден, работи, а попладне ги следи спортот и политиката на телевизија, додека жената, си ги следи емисиите за готвење и турските серии. Навечер си легнуваат во креветот еден покрај друг, целосно незаинтересирани за секс, и така. Креација – нула, живот, уште помал од нула.

Додека мажот вообичаено се фиксира за работата како негова главна цел, затоа што, нели, сепак, треба нешто да се јаде, жената се фиксира за децата (особено за машките), како нејзина најдобра креација во животот. Таа се грижи за „детето“ што веќе станало полнолетно, а таа грижа не престанува и кога веќе „детето“, веќе израснато мажиште, е оженето.

На оваа мајка, измачена од бесмисленоста на животот, синчето ѝ останува единствената причина за живеење. Ова ќе биде вака дури и кога ова „синче“ ќе има синови. Здодевноста што ги убива жените во средните години, кај нив создава слика за потполна бесмисленост на животот, и тоа до голем степен ја урива нивната психа. Затоа, за овие жени тешко може да се зборува како за нормални луѓе.
Кога ќе дојде време синовите на овие жени да се оженат, тие страдаат до небо, затоа што знаат дека го губат соиграчот во нивната омилена игра. Од друга страна, тие се свесни дека со својот сопруг одамна ги завршиле сите игри. Со него тие се партнери само на хартија, и честопати се заедно само од економска принуда, или затоа што се плашат од самотија.

И така, сега, снаата е онаа лошотија што на оваа жена ѝ ја одзела најдрагоцената креација за која таа толку убаво се врзала. Затоа, свекрвата станува проблем, како за снаата така и за синот. Синот, пак, во целата приказна се наоѓа во вкрстен оган од двете страни. Додека свекрвата настојува да си ја врти играчката, снаата, со полно право, стои на идејата за независно семејство, во кое таа ќе биде во улога на сопруга и мајка.
Во оваа тивка војна, секоја страна прави стратегија за борба со „непријателот“. А планот на свекрвата вклучува свртување на синот против снаата, со цел тој да ѝ служи на нејзините интереси. А нејзиниот интерес е – се надевам дека веќе погодувате – синчето да биде нејзино за навек, за кое таа ќе се грижи и ќе прави сѐ за да му биде убаво.

Ви звучи познато, нели?

Нарачајте ја книгата ЛАЖГОТО ЛУЗЕРОТ И ПЕДЕРOT

За 390 денари со БЕСПЛАТНА достава!