Луѓето велат дека човекот е на земјата за да му служи на Бога.

Така е!

Но како човекот да разбере што Господ сака од него?

Просто, треба да погледне во своето срце и да открие која е љубовта на неговиот живот. Да погледне зошто Бог го дал? Секој човек има своја функција за Бога.

Некој од Бога е даден да биде бравар, некој да биде пекар, некој пак е даден да биде чистач. И нема ништо лошо во тоа, се додека секој човек го следи својот дар.

Среќните луѓе се среќни затоа што успеале да ја откријат љубовта како на личен, така и на професионален план. Тие му служат на Бога, правејќи го тоа што го сакаат и затоа се среќни. Исто така, тие му служат на Бога со тоа што се дружат со луѓе кои што ги сакаат.

А Бог пак, љубовта на човекот му ја дал да му биде светилник и да му го покажува патот што ТОЈ го трасирал за него. Тој пат нема утка, затоа што кога нешто правиме од љубов, тоа не го правиме за нас како его ликови, туку за Бога. Господ секогаш ги отвора сите врати пред оние кои што ја следат својата љубов.

За генијалците, луѓето велат дека се НАДАРЕНИ.

Јас велам дека СИТЕ луѓе се надарени, но не сите го следат својот дар. Затоа не се сите среќни. Без разлика на тоа колку човек има пари и колку е ценет од народот, тој никогаш нема да биде среќен доколку она што го прави не го прави од љубов. Без разлика колку е убава жената со која што е некој, ако таа не е за него, тој пак нема да биде среќен.

Тоа е несреќата на нашето време.

Денеска, најмалку луѓе ја следат својата љубов и својот дар. Денеска, луѓето се продаваат себеси за пари, газејќи на своите вистински љубови. Луѓето денес го прават не она што сакаат да го прават, туку она што ќе им го издиктира шефот на работа, сопругот, сопругата или партискиот шеф.

За шепа жолтици и тапкање по рамо, се разбира. И шефот на работа, и партискиот шеф, и сите ќе те тапкаат по рамо додека си добар.

Но добар за кого? Се разбира не за себе и за својот Бог, туку за НЕГОВИОТ Бог, оној Бог, кој твојот ум го прогласил за Бог.

А туѓиот Бог има едно име – ѓавол.

Денес, боговите не живеат во срцата на луѓето. Денес боговите живеат во телевизорите, компјутерите и телефоните.

Денес луѓето побрзо ќе го послушаат монструмот што произведува мобилни телефони и како кученца ќе потрчаат да се убијат од работа за да заработат доволно парички за најновиот модел на телефон кој ќе ги поврзе со некои виртуелни личности за кои никогаш не слушнале.

За што? За еден мизерен лајк на фејсбук.

Едно добро знам:

Нам на луѓето не ни е дадено да го познаваме целиот универзум. И физичари и хемичари и оџи и попови кажуваат приказни за бога и универзумот во кои што прашање е дали самите веруваат.

И затоа велам:

Запознај го оној универзум на кого што ТИ си бог. Запознај се себеси. Возљуби го Бога со тоа што прво ќе ја пронајдеш ЉУБОВТА во себе, и тргни да ја следиш. Дури тогаш, кога тоа ќе го направиш, ќе ти биде дадено да го запознаеш и Бога.

Оти, човекот не може да служи на два гопсодари.

Тој може да ја следи СВОЈАТА љубов и својот пат, и Бог во себеси и ќе биде среќен.

Или

Ќе го следи патот што ДРУГИТЕ му велат да го следи, и довека ќе се им служи на сите ѓаволи од пеколот.

Фотографија  © Depositphotos.com/Jaykayl